Голден стејт вориорс ја завршија турнеата од пет меча на гостински терен со шампионска лекција за амбициозниот состав на Милвоки бакс и славеа со 105:95.
Гостите од Сан Франциско постигнаа дури 19 тројки, а клуч за победата беше и цврстата одбрана. Една од најефикасните екипи во лигата Милвоки беше сопрена на само 95 поени, па логичен беше поразот на Бакс.
Во третата четвртина кошаркарите на Голден стејт имаа вистинска стрелба и во кус период погодија 6 тројки од 9 обиди за предност од 11 поени разлика што ја задржаа до крајот на мечот.
Највозбудливо во програмата од 10 меча беше во Бруклин, каде домашните Нетс дури по продолженија го победија Торонто со 106:105.
Блескаше Де Анџело Расел со 29 поени, а на гостите не им помогна извонредната партија на Кавај Ленард со 32 поени. Слично му се случи и на Леброн Џејмс, кој постигна 35 поени, но со соиграчите од Лос Анџелес лејкерс мораа да го признаат поразот од Сан Антонио.
Разиграните Спарс победија со 133:120, благодарение на извонредните последни 12 минути, што ги добија со 44:21. Демар Де Розан го предводеше Сан Антонио до победата со 36 поени.
Резултати: Шарлот – Денвер 113:107, Детроит – Филаделфија 111:117, Орландо – Индијана 90:112, Бруклин – Торонто 106:105 (по продолжение), Кливленд – Сакраменто 110:129, Чикаго – Оклахома 114:112, Њу Орлеанс – Мемфис 103:107, Сан Антонио – Лос Анџелес лејкерс 133:120, Феникс – Мајами 98:115, Милвоки – Голден стејт 95:105.