Болидот на Ферари, со кој Михаел Шумахер оствари пет победи во Формула 1 во 2003 година, кога ја освои шестата од седумте шампионски титули во Формула 1, вчера беше продаден на аукција во Женева, Швајцарија, за рекордни 13 милиони швајцарски франци (околу 13,2 милиони долари).
Аукциската куќа Сотбис, која беше задолжена за продажбата, објави дека сумата од 13 милиони франци платена за моделот „ F2003-GA Chassis 229“ е рекордна за еден Формула 1 болид во поновата ера.
Претходниот рекорд го држеше друг болид, кој исто така беше возен од Шумахер, и тоа во сезоната 2001 година, кој беше продаден за 7,5 милиони долари.
„Ова е еден од болидите со најмногу победи во историјата на Ферари, и тоа е многу важно возило во историјата на автомобилизмот. Болидот беше развиен од двајца инженери, Рори Бирн и Рос Браун, кои одлучија да го направат подолго меѓуосовинското растојание поради подобра аеродинамика“, рече Винсент Луици, шеф на продажбата на луксузни автомобили во Сотбис.
Михаел Шумахер со овој болид оствари пет победи во 2003 година, и тоа на трките за Големата награда на Шпанија, Австрија, Канада, Италија и САД.