Пандемијата со корона-вирусот нè спречи да уживаме во нокаут-фазата од Лигата на шампионите, меѓу другото, но барем можеме да се присетиме на прекрасни класици од најелитното европско натпреварување. За денес на репертоар е дуелот меѓу Челзи и Ливерпул, одигран точно пред 11 години на „Стемфорд бриџ“.
Реваншот од четвртфиналниот двомеч заврши со конечни 4-4, резултат кој им одговараше на Сините бидејќи седум дена претходно славеа со 3-1 на „Енфилд“. Запаметен како еден од најдобрите мечеви во поновата историја во ЛШ, вкупно осум гола беа и повеќе од доволни за спектаклот во Лондон да ги задоволи навивачите на двете екипи, но и на неутралните фудбалски фанови.
Од итриот слободен удар на Аурелио, до проектилот на Алекс и киксот на Рејна, сите голови беа посебни. Црвените поведоа со 2-0 по половина час игра, а само со осум минути во вториот дел домаќините израмнија на 2-2, односно остварија комплетен пресврт преку Лампард до 78-мата минута.
Нов пресврт приредија Лукас и Кајт, но сегашниот предводник на Челзи во финишот ги постави конечните 4-4 и го осигура пласманот во полуфиналето, каде што Челзи подоцна се сретна со Барселона во контроверзната елиминација со голот на Иниеста во судиското надополнување.