Шарапова блесна и ја елиминираше третата фаворитка, Федерер „меле“ во Австралија

Марија Шарапова го доби дербито на денот на женскиот дел од турнирот на Отвореното првенство на Австралија откако со 2:1 во сетови беше подобра од Kаролина Возњацки. Русинката потсети на игрите од своите најдобри денови и иако е 30-та носителка во Мелбурн, успеа да ја елиминира третата фаворитка на турнирот.

Дуелот меѓу Шарапова и Возњацки беше и меч на две поранешни најдобри тенисерки во светот. Шарапова го доби првиот сет со 6:4, а данската тенисерка со иста мера возврати во вториот. Во решавачкиот трет сет беше неизвесно до 3:3, а потоа Шарапова успеа да спои три гема во низа и на крајот да се радува со 6:3.

Роџер Федерер без никаков проблем се пласираше во осминафиналето на Гренд слем турнирот во Мелбурн. Швајцарскиот тенисер по брза постапка го победи Тејлор Фриц од САД со 6:2, 7:5, 6:2 во меч кој траеше еден и пол час. Со оваа игра, Федерер покажа дека е подготвен и оваа година да ја одбрани титулата, иако главен фаворит сега е Новак Ѓоковиќ. Федерер во кариерата има вкупно шест титули во Мелбурн, и тоа е местото кое му е едно од омилените за освојување на вредниот пехар.

Во следното коло од турнирот се пласираше и Томас Бердих, кој беше подобар од Аргентинецот Шварцман со 5:7, 6:3, 7:5, 6:4. Со 3:1 во сетови победи и Стефанос Циципас против Басилашвили од Грузија. Гркот беше подобар со 6:3, 3:6, 7:6, 6:4. Без изгубен сет, понатаму оди и Бугаринот Димитров, кој славеше против Фабијано од Италија со 7:6, 6:4, 6:4.

- Оглас -

Најнови вести