Шест по ред за Милвоки бакс, Торонто се враќа дома со два порази

Јанис Адетокумбо повторно беше незапирлив за одбраната на Торонто репторс, постигна 30 поени и имаше 17 скока, како лидер на Милвоки бакс во втората победа во финалето на Источната конференција.

Популарните Елени славеа со 125:103, водат со 2:0 и имаат шест победи по ред и шест победи во овој плејоф со 20, или повеќе поени разлика што е рекорд во НБА лигата.

Стартот на мечот беше клучен за новиот триумф на домаќините, кои имаа предност и од 18 поени разлика во првиот период, а на полувреме заминаа со недостижни 25 плус, 64:39.

Торонто се обиде да се врати во игра, намали на 13 поени негатива, но гостите немаа сила за подвиг, па Бакс рутински го завршија мечот со нов триумф од 20+ поени во своја корист.

Ерсан Илјасова со 17 поени беше втор стрелец кај Бакс, а одличен придонес за 2:0 во финалната серија имаше и Никола Миротиќ со 15 поени и повратникот Брогдон со 14.

Кај Торонто и на мечот најефикасен беше Кавај Ленард со 31 поен и 8 скока, но гостите немаа многу расположени кошаркари, па само уште Лаури со 15 и Пауел со 14 поени имаа двоцифрен учинок.

Следниот меч ќе се игра во понеделник наутро од еден часот во Торонто.

- Оглас -

Најнови вести