Тетовската Шкендија вечерва од 18 часот во Баку игра историски меч против Карабах бидејќи ако македонскиот првак го елиминира азербејџанскиот, првпат во своето постоење ќе стигне до плејоф за влез во Лигата на шампионите, а ќе има обезбедено и место во лигашката фаза на Лигата на Европа.
Во Шкендија веруваат дека може да направат чудо, но задачата ќе им биде многу тешка, ќе бркаат победа против тим од којшто загубија дома и кој ќе има поддршка од 30-тина илјади фанови.
Од Карабах објавија дека и во секторите на стадионот кои биле предвидени за гостински навивачи, ќе има домашни фанови. Шкендија најавила дека воопшто нема да има свои фанови или ќе има минимална поддршка, па Карабах вчера почна да продава билети за своите навивачи и за тој дел од трибините да не остане празен, што значи дека ќе има жешка атмосфера.