Шпанскиот стручњак Луис Енрике размислува да го напушти Пари Сен Жермен по завршувањето на актуелната сезона, и покрај тоа што со клубот постигна историски успеси. Според информациите на германскиот „Билд“, Луис Енрике не планира да го продолжи договорот кој му истекува во јуни, бидејќи во својата кариера бара нови предизвици.
Главната причина за неговото можно заминување е желбата за нов професионален предизвик. Бидејќи на крајот на јуни ќе стане слободен тренер, Енрике би можел да стане многу атрактивен кандидат за водечките светски репрезентации кои по Светското првенство ќе бараат селектор за нов циклус.
Втора можна причина е благото опаѓање на формата на ПСЖ оваа сезона. Иако резултатите не се лоши, тие не се на нивото на доминацијата од минатата сезона. Парижаните се моментно втори во француското првенство, со бод заостанување зад Ленс, додека во Лигата на шампионите се на третото место, зад Арсенал и Баерн Минхен.
Присуството на Луис Енрике во француската престолнина беше исклучително успешно. Во својата прва сезона освои домашно првенство, Куп и Суперкуп, но круна на неговата работа дојде во сезоната 2024/25, кога му го донесе на ПСЖ првиот, историски и долго очекуван трофеј во Лигата на шампионите. Со овој успех стана еден од најомилените тренери во историјата на клубот.

