Германската фудбалска репрезентација остана без еден од најдобрите млади фудбалери за претстојното Светско првенство, Ленарт Карл. На последниот тренинг пред контролниот меч против САД, 18-годишниот Карл заработи повреда на бедрото, а лекарите констатираа дека се работи за сериозна повреда и за него Мундијалот е завршен пред да започне.
Карл беше стартер на последниот контролен дуел против Финска на кој Германија победи убедливо со 4:0, а тинејџерот имаше и асистенција и тоа за последниот четврти погодок. Селекторот на Германија, Јирген Нагелсман потенцираше дека ова е голем шок за целата германска селекција, но дека мора да се гледа напред. На местото на Карл, селекторот го повика фудбалерот на Лајпциг, Асан Уедраого.
„Многу ми е жал за Лени. Тоа што го пропушта Светското првенство е голем шок за него, но и за сите нас. Слаба е утехата тоа што е млад и тоа што пред него ќе има уште многу големи натпреварувања. Многу сакав да го имам во составот за овој турнир. Со Асан добиваме играч кој е како Карл. Тој е исклучително талентиран и очекувам од него да игра храбро и слободно“, рече Јирген Нагелсман.
Германија вечерва ќе игра контролен дуел против домаќинот САД и тоа ќе биде последен меч за Панцирите пред почетокот на СП 2026. Германија е во групата Е заедно каде ќе играат против селекциите на Куракао (14 јуни), Брегот на Слоновата коска (20 јуни) и против Еквадор на 25 јуни.

