Њујорк никс води со 2:0 во НБА финалето, откако ноќеска во драматична завршница славеше над Сан Антонио на гостински терен со 105:104. Со овој триумф, Њујорк стигна на пола пат до остварување на сонот, а тоа е освојување на НБА титулата. По двете победи на гостински терен, Њујорк сега следните два меча ќе ги игра пред домашната публика и со евентуални нови две победи, ќе стигне до трофејот.
Мечот започна во знакот на Сан Антонио и домќините во текот на целата прва четвртина имаа предност, која во еден момент изнесуваше и 10 поени (31:21). Во втората четвртина Њујорк полека ја „топеше“ негативата, а во финишот со серија од 12:4 стигна и до предност од 56:52.
Некколку пати Њујорк имаше двоцифрена предност во третата четвртина, а во последните решавачки 12 минути гостите водеа со 84:75. Водеше Њујорк со највисоки 14 поени разлика (97:83) и тоа на седум минути пред крајот, но Сан Антонио не се предаде. Со серија од 14:0 стигнаа до 97:97, што беше најава за неизвесна завршница.
Водеше Сан Антонио со 104:102, кога Њујорк реализираше за нерешено. Потоа домаќините промашија, а Њујорк имаше напад за водство. На 10 секунди до крајот, Брунсон промаши, Вамбањама ја прифати топката, но првата ѕевзда на Сан Антонио погреши во додавањето и повторно Брунсон ја прифати топката, за потоа да биде фаулиран.
Играчот на Њујорк погоди едно од двете слобони фрлања и Сан Антонио имаше 7,5 секунди да направи напад за победа. Вамбањама ја презема одговорноста да шутира, но промаши и Њујорк победи. По мечот, Вамбањама прифати дека тој е виновен за поразот.
„Ми треба поголема смиреност. Поголема контрола над мечот. Згрешив, јас сум виновен за поразот“, рече првата ѕвезда на Сан Антонио веднаш по средбата. Вамбањаба беше најпрецизен на средбата со 29 поени, а имаше и 9 скока, но тоа беше џабе кога имаше загубена топка и промаши шут за победа во последните 10 секунди.
Кај Њујорк тројца играчи беа со 20+ поени. Таунс даде 21 поени, а по 20 постигнаа Бриџис и Брунсон. Ова беше 13-ти триумф по ред на Њујорк во плејофот, што е втора најдолга победничка серија по таа на Голден Стејт во 2017 година кога Воините триумфираа 14 пати во низа.
Њујорк од 1973 година чекаат да се израдуваат на нова НБА титула, а ова е нивно прво финале во 21 век. Сан Антонио последен пат беа во финалето во 2014 година, кога и последен пат се радуваа на трофејот, што тогаш беше петти во клупската историја.

