Селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, сè уште не е сигурен дали ѕвездата Лионел Меси ќе настапи на Светското првенство 2026. Како што е познато, на терените во САД, Канада и Мексико, Гаучосите ќе ја бранат светската титула освоена пред четири години во Катар.
„Тоа е прашање за Лео. Го знаете моето мислење – ќе направам сè што можам за да биде таму. Верувам дека за доброто на фудбалот тој треба да игра. Но, не одлучувам јас. Сè зависи од него, неговата мотивација и физичката подготвеност“, изјави селекторот.
„Тешко е бидејќи не само што Аргентинците сакаат да го видат – сите сакаат. Јас сакам да биде таму, но тој ќе одлучи. Лео си го заслужи правото сам да ја донесе таа одлука, без притисок. Ние не брзаме. Знаеме дека што и да избере, ќе биде најдобро и за тимот и за него. Се надеваме дека ќе биде со нас“, додаде Скалони.
Тој потврди дека Меси ќе настапи на пријателските натпревари против Мавританија (27 март) и Замбија (31 март), кои ќе се одиграат на стадионот „Ла Бомбонера“.
„Меси ќе игра на двата натпревари, но ќе видиме дали ќе започне од првата минута. Имаме уште два меча на домашен терен, а за секој Аргентинец тоа е одлична можност да го види на терен и да ужива во неговата игра“, заклучи Скалони.

