Шоу на Лејкерс – Џејмс и Дејвис ги скротија Елените со серија од 18:0 (Видео)

Нема веќе екипи во НБА со едноцифрен број на порази, а за тоа се погрижи Кралот Џејмс и неговите соиграчи од Лос Анџелес лејкерс со победа од 113:103 против Милвоки бакс.

Серијата од 18:0 за три минути во третата четвртина беше пресудна за победата на најдобрата екипа во Западната конференција против тимот што има најдобар биланс во НБА лигата.

Image

Леброн Џејмс одигра извонреден меч со 37 поени, 8 скока и 7 асистенции со што стана само третиот кошаркар во историјата на НБА лигата, кој ја минал границата од 34.000 поени. Пред него се само Карим Абдул Џабар со 38.387 поени и Карл Мелоун со 36.928 поени.

Кралот Џејмс имаше одлична поддршка од Ентони Дејвис. Популарната Веѓа постигна 30 поени и имаше 9 скока.

Лејкерс со оваа победа и официјално го потврдија местото во плејофот, а сега и опасно му се закануваат на Милвоки во битката за првото место во Лигата.

Бакс имаа предност од 9 поени во првиот период, но не издржаа докрај, па веќе нема екипи во НБА лигата со едноцифрен број на пораз. Во десеттиот неуспех сезонава за Елените најефикасен беше Јанис Адетокумбо со 32 поени и 12 скока, а Дивинченцо уфрли 17 поени.

Милвоки се уште е екипата со најдобар ефект во лигата и има 53 победи и 10 порази, а Лејкерс се зад нив со скор 48-13.

За Езерџиите од Ел-Еј ова ќе биде прв настап во плејофот по тој во 2013 година.

Резултати: Лос Анџелес лејкерс – Милвоки бакс 113:103, Вашингтон визардс – Атланта хоукс 118:112, Бруклин нетс – Сан Антонио спарс 139:120, Њујорк никс – Оклахома сити тандер 103:126, Бостон селтикс – Јута џез 94:99, Чикаго булс – Индијана пејсерс 102:108, Минесота тимбервулфс – Орландо меџик 118:132, Њу Орлеанс пеликанс – Мајами хит 110:104, Далас маверикс – Мемфис гризлис 121:94, Феникс санс – Портланд трејлблејзерс 127:117.

- Оглас -

Најнови вести