„Шоутајм“ со најтрофејните екипи во НБА, во луд меч Бостон ги победи Лејкерси по едно продолжение (Видео)

Мегадербито во НБА меѓу двете најтрофејни екипи, Лос Анџелес лејкерс и Бостон селтикс, донесе вистинско шоу и во луд меч со многу пресврти Келтите славеа победа од 122:118 по едно продолжение.

Двете екипи имаат по 17 титули и се на врвот на вечната листа во НБА според бројот на шампионските пехари.

Бостон водеше со 20 поени разлика како гостин во текот на третиот период и ништо не навестуваше драма во Лос Анџелес.

Но, тогаш тргна фуриозната серијата на шоумените од Ел-Еј предводени од Леброн Џејмс и Ентони Дејвис.

Лејкерс направија огромен пресврт со серија од 32:5 и во еден момент тие имаа двоцифрена предност.

Од негатива од 61:81 стигнаа до предност од 106:93 само на неколку минути до крајот на дербито, но тука не беше крајот на возбудувањата.

https://twitter.com/TheAthletic/status/1602896089090244608?s=20&t=Luj9gm0A_n-qvZKeCe9_Ig

Предводени од Џејсон Тејтум, кој даде 44 поени со 9 скока и шест асистенции, и Џејлен Браун, со 25 поени и 15 скока, гостите се изборија за продолженија.

Тејтум погоди за 110:110 на 17 секунди до крај и мечот заврши нерешено во регуларен дел.

Во дополнителното време Лејкерс пак поведоа со четири поени разлика, но двете промашени слободни фрлања на Дејвис во финишот скапо ги чинеа.

Ентони постигна 37 поени со 12 скока, Леброн Џејмс имаше ефект од 33 поени и по 9 скока и асистенции, но тимот од Лос Анџелес загуби со 118:122 во еден од најдраматичните мечеви сезонава во НБА.

Резултати: Филаделфија – Сакраменто 123:103, Милвоки – Голден стејт 128:111, Хјустон – Феникс 111:97, Јута – Њу Орлеанс 121:100, ЛА лејкерс – Бостон 118:122 по едно продолжение.

- Оглас -

Најнови вести