Роберт Морено е новиот тренер на Монако, објави францускиот прволигаш денес. Шпанскиот стратег се обврза на договор до јуни 2022 година, а доаѓа како замена за отпуштениот Леонардо Жардим, кој си замина од Кнежевството по вторпат во период од една година.
Морено остана без ангажман пред неколку месеци, откако се потврди дека Луис Енрике повторно ќе ја предводи Црвената фурија, а привремениот предводник не се задржа во стручниот штаб. За Морено ова е прв посериозен клупски предизвик, откако претходно главно работеше како асистент во Рома, Барселона, Селта Виго, покрај шпанската репрезентација.
Инаку, Морено е прв Шпанец кој седнува на клупата на Кнезовите, а за побрза адаптација на новата средина ќе има помош од искусниот Сеск Фабрегас, кој веќе извесно време ги брани боите на клубот од „Луј Втори“.