Реал Мадрид официјално соопшти дека натпреварот од Евролигата против Макаби, кој е закажан за четврток на 8 јануари, ќе се одигра без присуство на публика.
Иако салата беше целосно распродадена, одлуката е донесена по состанок на Државната комисија задолжена за борба против насилство, расизам, ксенофобија и нетолеранција во спортот, која овој дуел го прогласи за настан со висок ризик.
Од Реал Мадрид истакнаа дека клубот постапува согласно препораките добиени од националната полиција, со цел зачувување на безбедноста.
Воедно, клубот ги информираше навивачите дека средствата за веќе купените билети ќе бидат автоматски и веднаш рефундирани, без потреба од поднесување дополнително барање.
Што се однесува до сопствениците на сезонски билети, соодветниот износ ќе им биде пресметан како компензација при обновувањето на претплатата за следната сезона.

