Фудбалскиот свет на 28 октомври во Париз ќе го добие новиот сопственик на Златната топка. По повеќе од 15 години, во конкуренција ги нема Лионел Меси и Кристијано Роналдо, што е само потврда дека започнува нова ера.
Шпанскиот весник „Марка“ веќе тврди дека Златната топка за оваа година ќе заврши во рацете на Винисиус Јуниор од Реал Мадрид. На насловната страница на весникот стои „Сите патишта водат кон златото“, а во текстот се вели дека Бразилецот сосема заслужено ќе ја добие највредната индивидуална награда во фудбалот.
🚨 BREAKING: Vinicius Jr now knows he will win Ballon d’Or. @marca pic.twitter.com/aEnbh4G7hM
— Madrid Xtra (@MadridXtra) September 23, 2024
Кариерата на Винисиус започна во тимот на Фламенго во Бразил, а во 2018 година, само што наполни 18 години, се пресели во Европа, во тимот на Реал Мадрид. Кралевите имаа доверба во овој млад Бразилец и полека му даваа можност да се докаже. Во првите три сезони постигна само седум гола во Примера дивисион, но ниту Винисиус не се откажа, ниту во Реал не се разочараа.
Бразилецот „експлодира“ во сезоната 2021/22, кога даде 17 погодоци во првенството на Шпанија и оттогаш е главна опција во нападот на Реал Мадрид. Вкупно во 272 меча, Винисиус има постигнато 86 гола и 80 асистенции во дресот на Реал Мадрид.
Минатата сезона Бразилецот со Реал Мадрид се радуваше на титулите во шпанското првенство и во Лигата на шампионите.