„Јиске Банк боксен“ е арена која за спортски настани има капацитет од 15.000 седишта, а толку публика може да има и на ракометни мечеви. Таа е најголемата во Данска.
Многумина се чудат зошто токму таму е најголемата сала во Данска, а не во Копенхаген или во некој од другите поголеми градови. Хернинг е најпознат по текстилот, саемите и музеите.
На градот Хернинг, кој со околината заедно има околу 90.000 жители, не му е непознато да биде домаќин на големи спортски настани, напротив, има прилично богата историја. Во 2013 година таму се одржа Европско првенство во пливање во кратки базени, машкото Европско првенство во ракомет во 2014 година (и тогаш таму играше и Македонија), Светско првенство во ракомет во 2019 за мажи, женското ЕП во 2010 и во 2020, и СП за жени во 2023 година.
Годинава во „Јиске банк боксен“ ќе се играат натпревари од две групи, а потоа и групите од втората фаза, како и самата завршница (полуфиналиња, мечеви за трето и за петто место) и самото финале.
Инаку најпознати спортски клубови од Хернинг се фудбалскиот Митјиланд и хокејскиот Хернинг блу фокс. Во овој град е роден Бјарне Риис, некогашен победник на најпознатата велосипедската трка на светот, Тур де Франс.

