Долгоочекуваното деби на Лионел Меси во дресот на ПСЖ се случи вчера, во гостинскиот триумф на Светците од 2-0 над Ремс. Аргентинскиот витруоз како резерва од клупата влезе на местото од Нејмар и одигра малку повеќе од 25 минути.
Иако немаше забележлив учинок, односно не забележа гол или асистенција бидејќи Мбапе како двоен стрелец од претходно ја заврши работата, француските медиуми сепак беа воодушевени од Меси, а посебно беше забележана соработката со францускиот ас.
„Покажа дека уште е во добра форма, одлично се разбира со новите соиграчи на теренот“, објави „Ле Монд“.
„Иако му недостасуваше прецизност во додавањата, Меси одвреме-навреме покажа дека ќе има одлична соработка со Мбапе. Доволно беше само да се појави на теренот за резултатот да биде заборавен во натпреварот кој ќе влезе во фудбалската историја“, се вели од „Л’Екип“.
Пофални зборови испрати и тренерот Покетино веднаш по натпреварот.
„Штом влезе во игра, се почувствува смиреност кај играчите кога топката беше во посед на Лео. Дури и за него беше важно да има добро деби. Ја покажа енергијата и карактерот кој се почувствува и влијаеше врз останатите фудбалери“, посочи стратегот на Светците.
Сега следува репрезентативната пауза во која Меси настапувајќи за Аргентина, би можело целосно да ја поврати формата, а веќе на 12 септември да се појави пред навивачите на ПСЖ во мечот против Клермон, па својот деби гол или пак прва асистенција да ги запише на „Паркот на принцовите“.