Штуро ќе биде во Булоњската шума – Само по илјада гледачи дневно ќе може да бидат на трибините на Ролан Гарос

Директорот на тенискиот гренслем-турнир „Ролан Гарос“, Ги Форже, се разочара по одлуката на здравствените власти во Франција да дозволат само по илјада гледачи дневно на трибините на тениската арена, која е непосредно крај Булоњската шума во Париз.

Тоа ќе биде максимумот на посета што е дозволена на турнирот што ќе почне в недела, со мечевите од првото коло. Првично и оптимистички најавата беше дека ќе може да се користи 60 отсто од капацитетот на тенискиот комплекс, каде што се игра единствениот гренслем на земјена подлога.

Потоа од проектираните 20 илјади посетители на ден, се стигна до малку повеќе од 11 илјади, па потоа имаше нови намалувања и сега конечната одлука е дека натпреварите ќе можат да ги следат само илјада гледачи од трибините.

Топ-носител во машка конкуренција е Новак Ѓоковиќ, а рекордерот Рафаел Надал како втор фаворит ја брани круната што ја има освоено рекордно 12 пати.

Кај дамите, прекланската шампионка Симона Халеп ќе тргне во нов поход на Париз со ореолот главна фаворитка. Ечли Барти се откажа и нема да ја брани титулата од лани, а втора носителка е Каролина Плишкова.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести