Штутгарт со реакција по гостувањето кај Црвена ѕвезда: „Сакаме фудбал во слободна Европа“

Германскиот фудбалски клуб Штутгарт ја осуди „несразмерната и понижувачка“ контрола на границата со Србија над своите навивачи кои патуваа кон Белград за натпреварот против Црвена ѕвезда во Лигата на шампионите, но на крајот не беа на стадионот.

Група од 500 навивачи кои патувале со автобуси кон Белград била запрена на граница. Според српските безбедносни служби, биле пронајдени „забранети предмети“, што според нив ја оправдувало зголемената контрола, се наведува во соопштението.

По тие проверки, сите 10 автобуси со навивачи на Штутгарт не добиле дозвола за влез во Србија. Бундеслигашот преку соопштение укажа и на неколку напади врз своите навивачи во центарот на Белград пред натпреварот.

„Според многу навивачи на Штутгарт, извршените проверки биле непропорционални и понижувачки. Покрај тоа, имало извештаи за физичко насилство врз навивачите. Ваквите ситуации се неприфатливи. Сакаме да го доживееме фудбалот во слободна Европа. Наместо тоа, сè повеќе се соочуваме со непропорционални мерки против навивачите, претходни пресуди, малтретирање, па дури и, се чини, акти на насилство и понижување“, велат од Штутгарт.

Штутгарт го задржува правото да испрати официјален протест до УЕФА, а како што соопштија од клубот, европската куќа на фудбалот е информирана за фактите и има намера да спроведе сопствена истрага.

Од фудбалски аспект, Штутгарт помина многу лошо на гостувањето во Белград. Актуелниот германски вицепрвак загуби убедливо со 5:1 од Црвена ѕвезда.

- Оглас -

Најнови вести