Сигурно ќе ни биде тешко во Рејкјавик, Сигурдсон пак ќе игра за Исланд

Данило Брестовац ќе дебитира како селектор на Македонија вечерва, од 21.45 часот, во Рејкјавик против Исланд во меч од третото коло во третата квалификациска група за пласман на следното Европско првенство.

За Македонија задачата да се изненади фаворитот во нашата група ќе биде потешка бидејќи кај домаќините во составот се враќа 39-годишниот ветеран Гудјон Валур Сигурдсон. Тој е едно од најдобрите крила на сите времиња, а не играше за Исланд на Мундијалот во Германија и Данска поради повреда.

И без него, Исланд не победи во Минхен со 24:22, па јасно е дека сега ќе ни биде уште потешко. Македонија по долг период одбра селектор Македонец, а како ќе се снајде Брестовац на дебито, ќе се знае пред полноќ.

Во нашиот табор нема многу промени, освен на селекторската позиција, а капитенот Кирил Лазаров ќе ги предводи гостите во обид да се приреди подвиг против домашната селекција.

Против Исланд играме често во последно време, а вкупно на 8 официјални мечеви на ЕП и СП имаме само една победа и едно реми со шест порази.

По две кола, Исланѓаните се лидери со 4 бода, Македонија и Грција имаат по два, а Турција е без бодови. Двете првопласирани селекции од осумтте групи ќе патуваат директно на ЕП, а уште четири места се резервирани за четирите најдобропласирани трети селекции во групите.

Континенталниот шампионат ќе се игра следната година од 10-26 јануари, а домаќини се Австрија, Норвешка и Шведска.

 

- Оглас -

Најнови вести