Фудбалското првенство во Шпанија не беше прекинато, одложени беа само два прволигашки и три второлигашки натпревари, одлука која донесе многу контоверзи.
Поплавите во Валенсија и околината предизвикаа смрт на повеќе од 200 луѓе, и фудбалот паѓа во втор план барем овој викенд.
Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, смета дека требало целото коло во Ла Лига да биде одложено, а не само два меча.
„Нема никаква смисла да се игра овој викенд. Ова што се случува е многу тешко и емотивно за гледање, луѓето си помагаат со лопати или со што и да имаат, ја гледаме солидарноста на сите. Тоа многу добро зборува за народот во Шпанија“, изјави популарниот Чоло.
И тренерот на Барселона, Ханси Флик, даде слична изјава.
„Имаше ваква ситуација во Германија пред три години. Јас да одлучував, ќе се одложеше целото коло. Ова е трагедија за Валенсија, но и за цела Шпанија. Упатуваме поддршка до засегнатите“, рече Германецот.