Српскиот тенисер Виктор Троицки е последниот во низата учесници на турнирот „Адрија“ што е позитивен на тестирањето на корона-вирусот. Троицки настапи на турнирот „Адрија“ во Белград, а во еден од мечевите играше токму против Новак Ѓоковиќ.
Двајцата тенисери и пред и по мечот се прегрнуваа. Освен со Ѓоковиќ, Троицки на турнирот во Белград беше во група и со Александер Зверев, кој потврди дека тој не е позитивен на опасниот вирус.
Скандалот со заразени тенисери од корона-вирусот започна кога пред неколку дена Григор Димитров објави дека е позитивен. Тој се тестираше во Монте Карло, а потоа следуваа и тестови на останатите учесници на турнирот во Задар, кога беше потврдено дека заразени се и Борна Чориќ, кондицискиот тренер на Димитров, како и кондицискиот тренер на Новак Ѓоковиќ.
Дел од претпоставките се дека Димитров се заразил уште додека играл на турнирот во Белград, односно кога сите тенисери биле дел од хуманитарниот кошаркарски меч. Токму на тој меч, Димитров и Ѓоковиќ имаа многу блиски контакти, а во еден момент двајцата паднаа на паркетот. Фотографиите од тој настан може да ги видите ТУКА.
Најдоцна во следните неколку часа треба да се знаат и резултатите од тестирањето на Новак Ѓоковиќ и тоа дали најдобриот тенисер во светот е позитивен на корона-вирусот.