33.8 C
Skopje
вторник, 2 септември 2025

Сити го претстави Донарума: Секој играч би сакал да игра на „Етихад“

По осум сезони во кои освои 18 трофеи и на 372 натпревари ја сочува својата мрежа недопрена дури во 168 случаи, бразилскиот голман Едерсон се раздели со Манчестер сити и се пресели во Фенербахче. На негово место дојде Џанлуиџи Донарума, 26-годишниот чувар на мрежата на Италија.

Клубот официјално потврди дека Донарума потпиша договор до летото 2030 година. Според британските медиуми, Манчестер сити и ПСЖ се договориле за трансфер вреден 26 милиони фунти (околу 30 милиони евра).
Италијанецот ќе заработува 13 милиони евра годишно, со можност за дополнителни 2 милиони преку бонуси.

„Ова е посебен момент за мене и за моето семејство. Манчестер сити е клуб во кој секој играч би сакал да заигра. Со години со восхит го следев овој тим, а сега добивам можност да бидам дел од него. Едвај чекам да ги запознаам новите соиграчи, тренерите и навивачите. Ќе дадам сè од себе за да помогнам клубот да постигне уште поголеми успеси“, изјави Донарума при официјалното претставување.

Донарума израсна во Милан, каде што дебитираше уште на 16-годишна возраст и одигра повеќе од 250 натпревари, освојувајќи го италијанскиот Суперкуп во 2016 година. Во летото 2021 премина во ПСЖ, каде што остави силен впечаток. За четири сезони освои четири титули во Лига 1, двапати Купот на Франција и трипати Трофејот на шампиони.

Врвот на престојот во Париз го достигна оваа пролет, кога со ПСЖ стигна до првата титула во Лигата на шампионите, со убедлива победа од 5-0 над Интер во финалето.

- Оглас -

Најнови вести