Скандал го тресе Африканскиот куп на нации. Според тамошните медиуми, наводно натпреварот меѓу Зимбабве и Демократската Република Конго кој се одигра на 30 јуни бил наместен, така што е започната истрага против овие две репрезентации. Во скандалот наводно бил вмешан и сопственик на конгоанскиот клуб Мазембе, Мојзе Катумби, кој воедно се занимава со политика во Конго.
Во убедливиот триумф на Конго од 4-0, голманот на Зимбабве, Елвис Чипезезе, прими четири лесни погодоци, а информациите велат дека тој имал договор за тоа и требало да му биде исплатена одредена сума пари за неговата селекција да претрпи пораз. Сепак, засега непознатата сума воопшто не легнала на сметка на голманот откако една банка во Египет не ја дозволила трансакцијата.
Чипезезе не е ниту прва опција меѓу диреците на Зимбабве. Поразот од Конго е негов единствен настап досега бидејќи првиот голман Георге Чигова се здобил со повреда во пресрет на тој меч и не бил во можност да настапи.