22.8 C
Skopje
петок, 15 август 2025

Слот: Ливерпул е подготвен за стартот на Премиер лигата, иако има детали што треба да ги подобриме

Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, изјави дека тимот е подготвен за стартот на Премиер лигата, иако сè уште има простор за подобрување на играта без топка, стабилноста во одбраната и адаптацијата на новите засилувања.

Минатата недела Црвените загубија од Кристал Палас по пенали во мечот за „Комјунити шилд“, а утре ја почнуваат одбраната на титулата со домашен натпревар против Борнмут.

Слот потврди дека клубот постигнал договор за доведување на Џовани Леони, кој допрва треба да потпише, додека за другата цел во одбраната, Марк Гехи, рече дека не може да коментира бидејќи не е играч на Ливерпул.

„Готови сме колку што можеме да бидеме во моментов. Изгубивме тројца-четворица стартери, а Гравенберх нема да игра оваа недела, што значи дека пет од десет позиции се различни. Со топка сме добри, но без топка треба уште работа. Тоа е нормално, особено со неколку нови играчи во тимот“, истакна Арне Слот, додавајќи дека Борнмут е еден од најинтензивните тимови во лигата.

За најскапото засилување во историјата на клубот, Флориан Вирц, Слот изјави:
„Иако е млад, веќе има освоено многу. Не се обесхрабрува од трансферната сума и веќе покажува повеќе од очекуваното. Само треба да се адаптира на англискиот фудбал и на новите соиграчи.“

- Оглас -

Најнови вести