Македонија ќе игра против Бугарија, Грузија и Гибралтар во групната фаза од третото издание на Лигата на нациите. Нашата репрезентација е во Групата 3 од Сегментот Ц на УЕФА. Првопласираната селекција од групата ќе обезбеди место во Сегментот Б, а последната во групата може да падне во најслабиот Сегмент Д на УЕФА.
Сите три противници се добро познати за Македонија и репрезентации против коишто имаме играно. Против источниот сосед Бугарија имаме играно најмногу пати, дури седум меча.
Во тие седум натпревари имаме само две победи, еднаш сме ремизирале, а четири пати бевме поразени (гол-разлика од три дадени и седум примени гола). Сепак, сега е шанса да покажеме дека сме подобри од источниот сосед, посебно ако се знаат нивните резултати во последните две години.
Во 2020 и 2021 година, Бугарија одигра вкупно 22 меча во кои претрпе 12 порази, имаше шест нерешени меча, а само четири пати победи. Во квалификациите за Светското првенство во Катар, Бугарија освои само осум бода во осум кола од Ц групата.
Македонија против Грузија ја има најзначајната победа во историјата. Ги победивме во Тбилиси со 1:0, триумф кој ни донесе место на Европското првенство ова лето. Освен тој триумф, против Грузија имаме уште два меча, и двата завршиле нерешено.
Против Гибралтар имаме два натпревари и две победи со вкупна гол-разлика од шест дадени и ниту еден примен погодок. Гибралтар би требало да е репрезентацијата за која треба да е „загарантирано“ последното место во групата.