Со играч помалку, ремито во Тбилиси како триумф за Македонија (видео)

Македонија освои бод на гостувањето кај Грузија при конечни 1-1 завршувајќи го септемврискиот циклус во Лигата на нациите со освоени четири бода од два натпревари. Избраниците на Игор Ангеловски не потклекнаа на лошите услови за игра кога станува збор за состојбата на водениот терен и може да се задоволни што издовија реми ако се знае дека речиси половина час играа со фудбалер помалку.

Грузија доби прилика во 13-тата минута да се закани, а откако Алиоски направи прекршок во казнената зона, Окриашвили погоди од белата точка.

Потоа Рисовите ја презедоа иницијативата и постепено се доближуваа до противничкиот гол, по што акцијата на Пандев и Ристовски беше успешна во 33-тата минута, а бекот на Спортинг одлично ја протна топката меѓу нозете на голманот Лорија и израмни на 1-1.

Во второто полувреме нашата репрезентација се повлече за степен, оставајќи им простор на Грузијците да ја контролираат топката. Неколкупати се заканија кон голот на Шишковски меѓутоа без поголема опасност, сè до четвртата минута од судиското надополнување кога Шишковски спаси чист гол по шутот на Шенгелија.

https://streamable.com/96y7sh

Македонија остана со играч помалку во 64-тата минута по остриот старт на Муслиу по што заработи директен црвен картон, меѓутоа домаќините не ја искористија таа ситуација, па резултатот од првиот дел беше и краен исход на средбата во Тбилиси.

Со по четири бода по првите две кола, Македонија и Грузија ја делат првата позиција во групата 2 сегментот Ц во Лигата на нациите, Ерменија е трета со три бода по победата од 2-0 против Естонија.

- Оглас -

Најнови вести