Со нов капитен и голема самодоверба, кошаркарите одат по победа против Шпанија

Кошаркарската репрезентација на Македонија во пресрет на дуелот со Шпанија в петок, во Скопје, одржа прес-конференција на која свое мислење дадоа селекторот Драган Бајиќ, новиот капитен Бојан Крстевски и најмладиот во тимот, Теодор Симиќ.

„Среќен сум што сме во квалификации и веднаш во прво коло се среќаваме со Шпанија. Во претквалификациите бевме без некои играчи, а и сега тројца откажаа првиот ден, Зекири не знам од кои причини не се појави, Младеновски осети проблем со вирусот, ризик е и за него и да не ги зарази другите, и на Ѓуроски нема да сметам. Ни фалат петмина играчи, Војдан не е закрепнат, Јакимовски е во САД. Не ни треба поголем мотив од меч против Шпанија. Шпанската лига е силна, на тренинзите пробавме да се доближиме до начинот на игра кој се игра таму. Шпанија и со ваков состав има квалитет, играат агресивно, но нема да се предадеме, и на играчите им реков дека треба да влеземе со што поголема самодоверба, сум победувал и посилни тимови со послаби коишто сум ги водел“, рече селекторот Драган Бајиќ.

„Кога дојдов за селектор, реков дека ќе имаме подмладување. На Бојан Трајковски му ја доделив капитенската улога, има заслуги и придонес за ова што сме тука, благодарни сме му. Мојата одлука да не го повикам е шанса да добијат некои помлади. Ако сите играат до 40 години, каде ни е иднината? Сакам Симиќ да добие шанса на неговите 18 години да игра и тоа да биде патот, макар и резултатот да трпи, но долгорочно ќе имаме корист. За мене играчи до 23 години се млади, треба да ја градиме иднината, репрезентацијата е важна“, објасни селекторот, кој смета дека Кирил Николовски е во подобра форма од Трајковски.

Нов капитен е Бојан Крстевски.

„Екипата е изменета, не сме комплетни, но треба да се фокусираме на тоа што го имаме. Поставивме некои принципи, треба да излеземе ангажирани и борбени и да се претставиме што подобро. Секоја чест за Шпанија, но не се предаваме“, вели центарот и нов капитен, Бојан Крстевски.

„Се надевам дека ќе излеземе мотивирани и да го дадеме максимумот. Ќе пробаме да одиграме што подобро и да извлечеме што подобар резултат“, вели најмладиот во македонскиот состав, Теодор Симиќ.

„Имаме неофицијални сознанија дека желба на Лејсон Зекири е да игра за Косово. Контактиравме со негови блиски и неофицијално дознавме дека тој сака да игра за Косово. Ние немаме којзнае колку млади играчи, политиката е да не им дозволуваме на нашите таленти да играат за други земји“, рече генералниот секретар Владимир Георгиевски за отсуството на Зекири.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести