Тотенхем и Манчестер јунајтед утре од 21 часот ќе играат во Билбао, во финалето на УЕФА Лигата на Европа. Влогот на овој меч е огромен бидејќи освен трофејот, победникот ќе добие и директно место во Лигата на шампионите за новата сезона.
Интересно е тоа дека ова е меч меѓу екипите кои се на 16-тото и на 17-тото место на табелата во англиската Премиер лига. Тотенхем ќе биде драстично ослабен во финалето бидејќи нема да смета на Џејмс Медисон и Дејан Кулушевски. Сепак, добра вест е дека ќе игра капитенот Сон Хеунг-мин, кој навреме закрепна од повредата.
„Физички сум целосно подготвен, а сите момци се подготвуваат за најважниот натпревар сезонава“, вели Сон. Кореецот беше дел од тимот на Тотенхем кој во 2019 година загуби во финалето од Лигата на шампионите, од Ливерпул. Од тој состав во 2019 година, во Тотенхем уште е и Бен Дејвис.
„Тука е Бен Дејвис. Не смееме да го заборавиме неговиот труд и посветеноста. Ова ќе биде огромен момент за нас двајцата, но и за сите во клубот доколку победиме. Секогаш се вели дека првиот чекор е најтежок. Ако го освоиме овој трофеј, може да го промениме менталитетот, можеме да ја промениме историјата и се надевам дека ќе продолжиме да се бориме за нови трофеи“, додава Сон.