Ромелу Лукаку летово се врати во Челзи во трансфер вреден 155 милиони од екипата на Интер. Белгијанецот при самото доаѓање изјави дека ова за него е исполнување на сонот и време да се покаже во најдобро светло, и почетокот беше токму таков.
Гол против Арсенал во големото лондонско дерби и токму кога сите очекуваа негов блесок, се случи спротивното.
На последните шест одиграни натпревари за „плавите“, Белгијанецот не успеа да се запише во листата на стрелците, а причината за лошата форма, тренерот на овој тим ја бара во големиот број на одиграни средби.
„Лукаку е изморен, не физички туку психички. Одигра голем број на натпревари во последниот период, особено проблем е тоа што секој натпревар го сфаќа премногу сериозно, обидувајќи се да ја анализира својата игра.
Тој е фудбалер кој премногу размислува за секое негово промашување, а сметам дека тоа непотребно му создава голем психолошки набој“ изјави Тухел.
Ромелу утревечер ќе се обиде да го прекине овој „пост“ во мечот против Малме.