Луис Хамилтон победи на Формула 1 трката за Големата награда на Русија, возена во Сочи, но триумфот мина во знак на срамната одлука на Мерцедес оваа победа да му биде подарена.
Валтери Ботас беше лидер во трката во првата третина, а откако Хамилтон го претрка Себастијан Фетел и изби на втора позиција, на лидерот Ботас не му беше дозволено да остане напред и веројатно да победи, туку мораше да попушти, да се тргне настрана, и да му дозволи на Хамилтон да биде прв, а Финецот мораше да му го чува грбот и да го забавува третопласираниот Фетел. На еден круг пред крајот, Ботас праша дали може да има измена во редоследот, но од тимот доби негативен одговор и му рекоа дека ќе треба да остане втор.
Хамилтон трети пат по ред е победник, но не се радуваше како после секоја друга победа, знаеше дека победата му е подарена, а не заслужена, па затоа тој во гаражата му се извини на клупскиот колега, но одлуката беше на тимот.
Зад Хамилтон и Ботас, се најдоа двајцата пилоти на Ферари, Фетел и Кими Раиконен. Разликата помеѓу Хамилтон и вториот Фетел е огромна, цели 50 бода, и последните пет трки нема да имаат голем натпреварувачки набој. Критичарите велат дека Мерцедес со свооте потези успева да ја уништи сезоната во Ф1 шампионатот.