Србија на убедлив начин обезбеди пласман во четвртфиналето на СП

Кошаркарите на Србија со убедливиот триумф од 112:79 над Доминиканска Република обезбедија пласман во четвртфиналето на Светското првенство кое се одржува во Јапонија, Индонезија и Филипини.

Пред дуелот од последното коло во групата И, двете репрезентации имаа идентичен скор, три победи и пораз и само победникот ќе оди во четвртфиналето бидејќи првото место е резервирано за Италија.

Кога беше најпотребно, Србите го одиграа најдобриот натпревар на првенството и беа подобри со сите четири четвртини. Фуриозно го започнаа мечот, првата четвртина ја добија со 29:15, а на одмор заминаа со плус 21 (56:35). Надежите на противникот дека ќе успее да се врати во игра беа урнати во третата четвртина која Србија ја доби со 31:18 за предност од 34 поени.

Србија во четвртфиналето ќе игра со првопласираниот од групата Ј, односно со подобриот од дуелот меѓу САД и Литванија.

Дури шест кошаркари на Србија постигнаа двоцифрен број на поени, највеќе даде капитенот Богдан Богдановиќ и тоа 20, додека Маринковиќ и Милутинов постигнаа по 16 поени. На спротивната страна најдобар беше Карл-Ентони Таунс со 25 постигнати поени.

- Оглас -

Најнови вести