Српските фудбалери беа разочарани по поразот од Швајцарија, а речиси сите беа согласни со тоа дека многуте примени погодоци се главна причина за разочарувачкиот настап на Мундијалот. Србија во три меча прими дури осум голови и на крајот освои само еден бод во групата.
„Точно е дека прелесно примавме голови, осум примени голови се премногу за да поминеме понатаму. Сепак, тоа не е вина само на одбраната, туку и на нападот и средниот ред. Тешко е сега да се зборува, ова е големо разочараување. Сакавме да победиме, но не успеавме“, рече капитенот Душан Тадиќ веднаш по дуелот со Швајцарија.
И Павловиќ се согласува дека многуте примени голови се причина за елиминација на Србија. „Овој меч некако го отслика како го одигравме целиот турнир. Повторно оставивме многу простор во одбраната. На глуп начин ги примавме головите. Не успеавме по втор пат да се вратиме и за жал загубивме. Имавме голема шанса, сакавме да испишеме историја, но тоа не се случи“, беше првиот коментар на Павловиќ.