Среќа во несреќа: Љорис не ја скршил раката, но сепак го чека долга пауза

Тотенхем дефинитивно не ја започна сезоната како што посакуваше. Тимот кој заврши како европски вицепрвак, во новата сезона игра многу лошо. Испадна од Лига купот на Англија по елиминација од четвртолигаш, во Лигата на шампиони загуби со 2:7 од Баерн Минхен, а вчера претрпе нов тежок пораз на гости кај Брајтон со 3:0.

Поразот е тежок, но потешко е тоа што Тотенхем го загуби првиот голман Уго Љорис. Французинот сакајќи да однрани една топка, лошо реагираше, се лизна и падна директно на раката, а Брајтон даде гол од таа ситуација. Следуваше неколку минутен прекин, а Љорис со маска за кислород на лицето, беше изнесен од теренот.

Првичните информации беа дека заработил скршеница на раката, но лекарските прегледи покажале дека не е така. Капитенот на Тотенхем има дислокација на левиот лакт, повреда која сепак бара подолго мирување, па Љорис сигурно нема да брани до Нова година, а можеби и подолго.

 

- Оглас -

Најнови вести