Во драматичен меч, САД ја победи Србија со 95:91 и се пласира во финалето на олимпискиот кошаркарски турнир во Париз. Во голем дел од мечот Србија водеше и со двоцифрена предност, дури 37 минути Србите ја имаа контролата на резултатот, но на крајот загубија.
Стеф Кари е херојот на Американците. Тој постигна 36 поени и беше лидер на тимот кој на крајот се радуваше.
„Знаеме дека не одигравме најдобро што можеме. Постојано бевме во негатива од два или три поседи, но работевме текот на мечот да се промени. Во финишот на третата четвртина си рековме „Во ред, ова не е наша ноќ, но мораме да ги успориме“. Во првите четири минути од последната четвртина сѐ се промени. Јасно беше дека можеме да постигнеме доволно поени, но моравме да засилиме во одбраната. Во првите три четвртини тоа не го можевме, но на крајот најдовме начин како да го направиме тоа. Се надевам дека во сабота ќе стигнеме уште до една победа и дека ќе го освоиме златото“, рече Кари.
Освен Кари, одличен беше и Леброн Џејмс, кој заврши со трипл-дабл од 16 поени, 12 скока и 10 асистенции. Тоа е четврти трипл-дабл за Леброн на Олимписки игри.