Поранешниот капитен на македонскиот репрезентативен тим, Стефан Ристовски, по завршувањето на оваа сезона ќе го напушти Динамо Загреб. Како што пренесуваат хрватските медиуми, 32-годишниот дефанзивец одбил да го продолжи договорот со Модрите откако клубот му понудил нова соработка со значително пониски финансиски услови, што Ристовски не го прифатил.
Неделниот натпревар против Вараждин ќе биде негова последна средба во дресот на Динамо Загреб, а клубот ќе се обиде да стигне до нова шампионска титула. Сепак, Ријека е прв фаворит за трофејот во пресрет на последното коло.
За иднината на Стефан Ристовски засега нема конкретни информации, но се шпекулира дека неколку клубови од Блискиот Исток покажале интерес за неговите услуги.
Ристовски веројатно е првиот од т.н. „сенатори“ што го напушта Динамо Загреб, но истиот пат би можеле да го следат и Аријан Адеми, Даниел Загорец, па дури и Бруно Петковиќ, зависно од исходот на разговорите со новиот спортски директор Звонимир Бобан.