Стојков знае се за фудбалот на Чизмата – Дебитира на Спортманија со петка тикет

Ацо Стојков знае се за фудбалот на Чизмата и за сезоната што денеска почнува во Серија А ќе ни биде редовен гостин со свои предлог типови за секое коло во едно од Топ-5 првенствата во Европа.

Заедно со Горан Пандев како тинејџери заминаа во Интер во 2001 година, откако блескаа со Беласица на светски познатиот турнир за млади тимови во Вијареџо.

МЕНАЏЕРОТ НА БУФОН УЖИВАШЕ ВО ИГРИТЕ НА СТРУМИЧКИОТ ТАНДЕМ, ВЕДНАШ ПАДНА НАРЕДБА – ПРАВЕЦ ВО ИНТЕР 

На еден од најпознатите светски турнири за талентирани фудбалери веднаш ги забележа познат менаџер, кој застапува дел од реномираните светски фудбалски ѕвезди.

„Како тандем со Гоче одигравме одлично, дававме голови на турнирот во Вијареџо и познатиот менаџер Силвано Мартина, кој е застапник на Џанлуиџи Буфон и во дел од кариерата соработуваше и со Немања Видиќ нѐ забележа и веднаш нѐ препорача во Интер. Бевме млади и заедно бевме испратени во Специја, за потоа да се разделиме со позајмица во различни клубови. По извесен период заминав во Полска, па повторно се вратив во Италија. Во Интер беше тешко да се дојде до место на поширокиот список за настап во Серија А, а јас сакав да играм и си заминав од Италија. Искуството беше непроценливо и ми помогна многу во понатамошниот тек на кариерата. Можеби сега би постапил поинаку со малку повеќе трпение, но младоста си го стори своето. Горд сум на мојата играчка кариера, која е при крај. Играв за доста добри клубови, 42 пати настапив и за мојата земја, за Македонија и задоволен сум“, вели Стојков на почетокот на разговорот.

Понудата да нѝ биде редовен гостин како експерт за Серија А ја прифати без размислување, а ќе се обиде да им помогне на обложувачите полесно да стасаат до добивка.

„Италија е синоним за фудбалот, тие се земја на четирикратните светски прваци, со многу успеси и на клупски и на репрезентативен план, па редовно ги следам натпреварите и од Калчото и на националната селекција. Ќе се обидам почесто да погодувам со моите анализи и прогнози, па се надевам дека ќе има и добри добивки“, вели Стојков.

За стартното коло во новата сезона во Серија А изборот му се пет натпревари со вкупен коефициент од 26 во Sport Life.

 

Фиорентина – Торино (Сабота, 18 часот)

Фиорентина има квалитетен тим, но потфрли во минатото првенство. Очекувам сега да играат подобро и да остварат подобар пласман од десеттото место на кое ја завршија ланската сезона.

Имаат одлични офанзивци што ги предводи Рибери, тука се и Киеза, Кутроне, Куаме, а се врати и Данкан од Сасуоло, па од нив може да се очекува да играат напаѓачки.

Торино разочара во минатото првенство, можеа дури и да испаднат што е несоодветно за клуб со 7 шампионски титули и со репрезентативци од калибарот на Белоти, Заза, Верди, Ицо…

И двете екипи можат според профилот на фудбалери да играат офанзивен, напаѓачки фудбал, па очекувам голови на стартот од сезоната.

Предлог тип: ГГ&3+ (2.12)

 

Парма – Наполи (Недела, 12.30 часот)

Заминувањето на Дејан Кулушевски ќе биде голем хендикеп за Парма. Најдобиот млад фудбалер во Европа соработуваше одлично со Жервињо и со Корнелиус во нападот, беше вистинско освежување и откровение мината сезона, што ќе биде тешко да се надомести.

Наполи дополнително се засили со Осимен од Лил, кој е одличен играч и ќе му помогне на тимот полесно да дава голови. Очекувам сезонава и Елиф Елмас уште да напредува и му посакувам што почесто да игра, бидејќи е редок талент што може далеку да стаса.

Гостите имаат поквалитетен тим, сега со Ковид-19 нема веќе предност за домаќините, па ќе типувам дека Наполи ќе победи.

Предлог тип: 2 (1.70)

 

Џенова – Кротоне (Недела, 15 часот)

Се надевам дека Пандев ќе игра на стартот против Кротоне, бидејќи неговото фудбалско знаење и искуство е непроценливо за Џенова.

Се покажа и минатата сезона колку вреди Гоче, верувам дека и во година во која го чекаат натпревари со Македонија за пласман на ЕП ќе биде максимално мотивиран за игра и кога е така нема да има проблеми за Џенова. Секогаш кога беше на теренот во минатото првенство забележливо беше колку има влијание на играта на тимот, позитивно влијае на соиграчите и му посакувам уште една одлична сезона во Италија.

Кротоне е нов прволигаш и тие екипи знаат да приредат изненадување, особено на стартот, но сепак според мене Џенова е поквалитетен тим и ќе победи.

Предлог тип: 1 (2.00)

 

Сасуоло – Калјари (Недела, 18 часот)

Сасуоло ме импресионира со игрите во Калчото, особено по рестартот на сезоната, кога со Милан беа и најефикасните екипи во Серија А.

Играа супер офанзивно за гол повеќе и без респект кон фаворитите, па сите екипи се намачија против нив. Капуто, Берарди и Бога беа движечката сила на тимот, заедно постигнаа 46 гола и за Сасуоло е најважно што барем засега успеа да го задржи ударното трио.

Саусоло е и тактички одлично подготвена екипа, немаат пораз од Калјари на последните шест меѓусебни дуели и повторно се фаворити.

И Калјари има одлични играчи во нападот, Симеоне и Жоао Педро се опасни стрелци, па очекувам ефикасен меч и триумф на домаќините.

Предлог тип: 1&2-5 (2.55)

 

Јувентус – Сампдорија (Недела, 20.45 часот)

Со нетрпение чекам да го видиме Јувентус под палката на Андреа Пирло. Иако е дебитант како тренер очекувам со него на клупата шампионот на Италија да игра подобро, отколку во ерата на Сари.

Пирло беше многу интелегентен играч и сигурно ќе го смени концептот на играта на Јувентус, па првиот тест против  Сампдорија ќе биде интересен.

Јувентус повторно е фаворит број 1 за титулата во Италија, но за нив поважно е да го остварат тоа што долго го чекаат, да бидат европски прваци.

Со Пирло ќе мораат да решаваат многу прашања во од, но квалитетот на Роналдо, Дибала, сега и со Кулушевски, со многу голем спектар на квалитетни играчи во сите сегменти на теренот е гаранција дека повторно ќе бидат главни кандидати за Скудетото.

Иако против Сампдорија нема да игра Дибала очекувам сигурна победа на Јувентус, со најмалку два гола во мрежата на гостите.

Предлог тип: 1&Т1 2+ (1.43)

 

 

- Оглас -

Најнови вести