Катастрофалната сезона за екипата на Валенсија продолжи и на домашниот дуел против Лас Палмас. Тоа беше дуел на двете последнопласирани екипи и одлична можност за Лилјаците да се одлепат на дното, но на крајот се случи вистинска катастрофа за екипата чиј член е нашиот Столе Димитриевски, кој и овој натпревар го гледаше од клупата за резерви.
Валенсија поведе во 14-тата минута со голот на Пепелу од пенал, но во продолжение следуваше вистинска катастрофа за домашните. Лас Палмас израмни преку Муњос во 43-тата минута, а Силва во 54-тата минута ги донесе гостите во предност. Во 70-тата минута Пепелу заработи црвен картон, а Молеиро во 85-тата минута погоди за 1-3 за Лас Палмас. Конечните 2-3 беа дело на Тареха во 94-тата минута.
Валенсија и Лас Палмас сега имаат по шест бода, но Лилјаците имаат полоша гол-разлика и токму тие во моментов го имаат „фенерот“ во шпанската Ла Лига.