Страв од навивачка експлозија – Ливерпул нема да игра на „Енфилд роуд“

Стравот од масовно присуство на навивачите при евентуалната прослава на титулата ќе го принуди Ливерпул да ја доигра сезоната во Премиер лигата на неутрален терен.

Лидерот во англиското првенство, како што објави „Тајмс“, ќе биде единствениот клуб од елитата што нема да игра на својот стадион до крајот на сезоната 2019/20, што значи дека „Енфилд роуд“ нема да биде домаќин на Црвените.

Ова е поради стравот од масовна прослава на навивачите на клубот што чека титула 30 години, уште од сезоната 1989/90. Првенството ќе продолжи без присуство на навивачи, но се стравува дека тешко ќе се спречи нивно присуство на улиците на градот што е обоен во црвено, а чека шампионска круна цели три децении.

Ливерпул е на прагот да биде првак и му требаат само две победи во преостанатите 9 кола од премиерлигашкото натпреварување што ќе треба да се рестартира на 17 јуни.

Лидерот има 25 бода предност во однос на Манчестер сити, екипа која има еден меч повеќе за играње, но разликата во бодови е огромна, па треба да се случи невидено чудо за да има пресврт. Ливерпул има вкупно 18 титули и е втор најтрофеен клуб во Англија зад Манчестер јунајтед со 20 пехари, но интересно е што нема трофеј откако е формирана Премиер лигата во сезоната 1992/93.

 

- Оглас -

Најнови вести