Македонскиот фудбал е на дното во Европа со клупскиот фудбал и веќе на стартот на новата сезона во еврокуповите има две елиминации на два двомечи.
По дебаклот на шампионот Шкендија и испаѓањето во квалификациите за Лигата на шампионите со вкупен резултат од 0:6 против Мура, денеска и Струга Трим Лум испадна со убедлив пораз од 1:4 во Скопје против летонската Лиепаја.
По одличниот резултат 1:1 на стружани на првиот меч во Летонија, се очекуваше и пласман во следното квалификациско коло во Конференциската Лига на Европа, но наместо успех, следуваше дебакл и пораз со три гола разлика.
Укпа во последните моменти од првото полувреме ја искористи лошата реакција на одбраната на Струга и го постигна првиот гол за Лиепаја.
На почетокот на второто полувреме, Додо со два гола ги реши сите дилеми околу патникот во следното квалификациско коло во новото натпреварување на УЕФА.
Стружани дури тогаш се подразбудија, откако цели 50 минути не шутнаа на гол, па Скендери намали на 1:3 во 57-мата минута.
Во Скопје на игралиштето на ФФМ „Петар Милошевски“ следуваше офанзива на македонскиот претставник и кога се очекуваше нов гол во мрежата на Лиепаја, гостите во контранапад зголемија на 4:1 и се пласираа во второто коло. Стрелец беше Бјарозкин за конечни 5:2 во двомечот, со што Лиепаја си обезбеди двомеч со ЦСКА Софија, а Струга испадна во првиот настап во еврокуповите.
Вечерва од 19 часот Силекс му гостува на Петрокуб во Молдавија по ремито 1:1 на домашен терен, а Шкупи има предност од 2:0 пред реваншот на гости од 20 часот кај косовскиот Лапи.