Судиите и ВАР претераа, вчера имаше рекорден број пенали во Топ лигите

За ударот од белата точка, кој е најстрога казна, се вели дека е најлесен шут во фудбалот и навивачите не ги вреднуваат пеналите како другите голови, особено кога судиите ќе досудат удар од 11 метри против тимот за којшто навивате.

Затоа, среќата, наклонетоста на судиите и регуларноста често се поврзуваат со пеналите, а се чини дека сезонава пеналите ги има во огромен број. Вчерашниот ден беше рекорден во Топ 5 лигите во Европа, со досудени 15 пенали на 24 меча.

Најмногу пенали беа досудени на мечот Манчестер сити – Лестер, на кој Лисиците изведоа три и сите ги претворија во голови. На овој меч паднаа седум гола, а и не треба да чуди што просекот на погодоци расте кога пеналите се честа појава.

Имаше пенали и во саботата, но во неделата се претера. Викендов се досудија пенали за Манчестер гигантите јунајтед, Реал Мадрид, Барселона и Јувентус, екипи кои традиционално изведуваат најмногу удари од белата точка.

Една од причините зошто има толку многу пенали е и толкувањето на играњето со рака во казнениот простор од 16 метри, па речиси секој контакт на топката со рака е пенал. Многу често пенали се судат и со реакција на судиите во ВАР-собата. Судиите нема да видат некој фаул или играње со рака, но тука е видеотехнологијата. Има и ситуации кога судијата ќе досуди на пенал, а на снимка ќе се види дека немало пенал, па пеналот ќе се поништи, но тие ситуации се поретки, иако викендов и тоа го имавме на Атлетико Мадрид – Гранада.

На судиите не им е важно колкав бил интензитетот на контактот и лесно се одлучуваат да покажат на белата точка, дури и кога играч ќе падне како покосен, иако само бил нежно допрен од противничкиот дефанзивец. Особено „критична“ е состојбата со пеналите во Англија, во првите три кола се изведени 20 пенали.

- Оглас -

Најнови вести