Судијата кој ја однесе Англија во финалето на Македонија ѝ донесе среќа, а Роналдо го збесна

Холандскиот судија Дани Макели се најде во центарот на вниманието по синоќешниот дуел меѓу Англија и Данска. Арбитерот одлучи да досуди пенал за Гордиот Албион во 103-тата минута, по кој домаќините на „Вембли“ стигнаа до 2:1 и на крајот до победа против Данска. Со оваа победа Англија за првпат во историјата се пласира во финале на Европско првенство, каде што последна пречка ќе им биде Италија.

Според многумина, пеналот кој донесе голема радост за Англија беше неправедно досуден. Многумина оспоруваат што Макели не решил самиот да се увери во неговата одлука и да побара помош од ВАР-мониторот. Други потенцираат дека во акцијата по која беше досуден пеналот, на теренот имало две топки, што исто така е повод играта да биде сопрена, а тоа не се случи.

Ова не е првпат Макели да биде во центарот на вниманието и негова одлука директно да влијае за конечниот резултат на мечот. Само пред неколку месеци, холандскиот арбитер беше главен на дуелот Србија – Португалија во квалификациите за Светското првенство 2022 година, кога Кристијано Роналдо во 93-тата минута даде гол за победа од 3:2, но Макели и неговиот помошник не забележаа дека топката ја помина гол-линијата со целиот обем и воопшто не покажаа дека тоа е погодок.

Роналдо тогаш буквално збесна и капитенот на Португалија го напушти теренот пред да заврши мечот, а потоа на земја ја фрли и капитенската лента. Макели подоцна се извини за превидот и ненамерната грешка по која Португалија остана без победата во Белград.

Овој судија важи за еден од најдобрите во Европа, а го судеше и првиот меч на ЕП 2020 меѓу Италија и Турција. Макели ѝ има судено и на Македонија и бил среќен. Тој беше главен на полуфиналето од баражот за пласман на ЕП, кога нашата репрезентација на арената „Тодор Проески“ играше против Косово и победи со 2:1. Тој триумф беше трасирање на патот кон првото Европско првенство за Македонија.

Останува да видиме дали Макели наскоро ќе реши да се извини за досудениот пенал на Англија против Данска, како што тоа го направи за непризнаениот гол на Португалија во Белград, или ќе остане на својата одлука дека имало фаул над Рахим Стерлинг.

 

- Оглас -

Најнови вести