Судијата „покажува чиста двојка“: Кога овој арбитер им суди имаат 12 победи во 12 меча

Во Англија не е редок случајот некој судија да си има „омилен клуб“, но тоа што се случува кога се работи за судијата Кит Страуд и клубот Борнмут е нешто неверојатно.

Страуд е арбитер кој му носи неверојатна среќа на Борнмут. Во изминативе 15 години, овој судија дури 12 пати судел на дуели на коишто играл Борнмут и неверојатно е дека во сите 12 натпревари Борнмут победувал.

Вечерва Страуд по 13-ти пат е делегиран да му суди на Борнмут, и тоа на гостински терен кај Вест Бромвич албион, а ако продолжи традицијата, тоа треба да биде сигурна „двојка“. Судијата Страуд живее во Хемпшир, но роден е во Борнмут и цело детство го поминал таму. Сепак, поради фактот дека сега не е жител на тој град, смее да ја дели правдата на овој тим.

Статистиката покажува дека Борнмут со овој судија не само што има перфектен биланс од 12 победи, туку само трипати примил гол. Арбитерот Страуд никогаш не досудил пенал против Борнмут, ниту дал црвен картон на овој клуб, додека противниците добиле еден црвен картон, а против нив биле досудени и два пенали.

Останува вечерва да видиме дали ќе продолжи оваа неверојатна традиција кога се во прашање судијата Страуд и екипита на Борнмут.

- Оглас -

Најнови вести