Судијата што ја донесе одлуката за Ноле детално објасни: Има два фактори, акција и резултат

Уште многу дилеми ќе има за тоа дали е престрога одлуката за дисквалификација на Новак Ѓоковиќ од гренслемот во Њујорк. Најдобриот тенисер беше исфрлен од натпреварувањето откако со топче директно во врат погоди една линиска судијка.

Погодената жена падна и се пожали дека не може да дише, па мораше да реагира и доктор. По 10-минутни консултации, судиите одлучија дека Ѓоковиќ мора да биде исклучен. Челниците на Отвореното првенство на САД дадоа официјално објаснување за одлуката, а со своја реакција се јави и главниот арбитер на турнирот Сорен Фримел.

„Има два фактори – акција и резултат. Акција е тоа што иако немаше намера, доведе до резултат, а тоа е удирање на судијката со топчето во вратот. Факт е дека таа беше повредена. Тоа се главните фактори при донесувањето на конечната одлука. Новак потенцираше дека немал намера да повреди никого. Ми рече: „Да, лут бев и го удрив топчето кое ја погоди судијката. Фактите се тие, но јас немав намера да го направам тоа и мислам дека не треба да бидам дисквалификуван“. Сите се согласивме дека немало намера во целата ситуација, но факт е дека судијката беше погодена и дека беше повредена“, рече арбитерот Фримел, кој од минатата година е поставен за главен судија на овој гренслем.

„Не е важно за кој играч се работи и на кој терен се игра. Секогаш е најважно да се донесе вистинската одлука. Казнувањето на тенисерите е многу тешка одлука, но сите на теренот беа свесни за тоа каква беше ситуацијата“, додаде Фримел.

Во слична ситуација пред десетина дена се најде Ајаж Бедене на Синсинати АТП Мастерс турнирот. Словенечкиот тенисер нервозно го удри топчето и го погоди камерманот зад теренот, меѓутоа избегна ригорозна казна по консултација на арбитражата. Камерманот не беше повреден, па Бедене продолжи да игра. 

 

- Оглас -

Најнови вести