Александар Васоски ќе ја предводи Академија Пандев против својот Вардар, денеска од 13 часот во дербито на дното во Првата македонска фудбалска лига.
Нашиот поранешен репрезентативец освојуваше титули со Вардар и како играч и како тренер, а сега ќе им излезе на мегдан на „црвено-црните“ како противник и предводник од клупата на струмичани.
Двете екипи се борат за опстанок па во Струмица ќе се игра за многу важни бодови.
Уште еден наш поранешен репрезентативец, Гоце Седлоски е во интересна позиција и денеска ќе дебитира како тренер на Шкупи, на меч во Велес против Борец.
Популарниот Седло е еден од најтрофејните тренери од актуелните кормилари во мак-фудбалот и ќе се обиде да донесе пресврт кај Чаирчани кои се во криза и имаат два порази на последните три натпревари во првенството.
Во 28. коло денеска од 13 часот ќе има и скопско дерби меѓу Работнички и Македонија Ѓорче Петров, лидерот Шкендија е голем фаворит во Струмица против фенерџијата Беласица, а интересен ќе биде и мечот меѓу Струга Трим Лум и Пелистер.
Вчера во премиерата Ренова го победи Силекс со 2:1.
Двојки, 28. коло, 13 часот:
АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ВАРДАР
БОРЕЦ – ШКУПИ
БЕЛАСИЦА – ШКЕНДИЈА
РАБОТНИЧКИ – МАКЕДОНИЈА Ѓ.П.
СТРУГА ТРИМ ЛУМ – ПЕЛИСТЕР
ТАБЕЛА: Шкендија 62, Шкупи 49, Македонија Ѓ.П. 47, Струга Т.Л. 41, Работнички 40, Пелистер 35, Борец 33, Академија Пандев и Ренова по 31, Силекс 29, Вардар 28, Беласица 17.