Суперлигата ребрендирана со ново име, има нов предлог до ФИФА и УЕФА!

Идејата за европска Суперлига сè уште е жива, компанијата А22, која го промовира овој турнир, испрати писмо на 20 страници до УЕФА во кое се надева дека ќе добие официјално признание за натпреварувањето согласно со поволното мислење дадено од Судот на правдата на Европската унија пред една година.

Пресудата ги обврза УЕФА и ФИФА да го признаат „секое натпреварување чие рангирање се спроведува на инклузивен и меритократски начин и кое го почитува глобалниот календар“, кон што А22 се придржува.

Натпреварувањето би имало име: Liga UNIFY (Обединета лига), а ќе им се овозможи на навивачите да ги гледаат сите натпревари на UNIFY Лигата во живо без никакви трошоци. Ќе бидат понудени и претплати за оние кои сакаат да ги следат натпреварите со минимално рекламирање, со напредни функции како што се избор на камери за натпревари, статистика во реално време и други интерактивни опции.

А22 на тој начин ја информираше УЕФА за својот план, кој вклучува нови детали во форматот на натпреварувањето. Би играле 96 тима од сите 55 европски земји кои се под капата на УЕФА, и тоа според пласман во домашните лиги за да биде испочитуван системот на заслуги.

Во првата, Ѕвездена лига, би имало 16 екипи, ќе учествуваат најдобрите тимови од секоја национална лига, поделени во две групи од по осум клуба и потоа четирите најдобри од двете групи би отишле во четвртфинале. Во втората, Златна лига, ситуацијата ќе биде иста, а третата Сина и четвртата Јунион лига ќе имаат по 32 учесника.

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес, како главен промотер на новото натпреварување, неодамна кажа дека новиот формат на Лигата на шампионите е неправеден и потребни се промени.

„Има повеќе натпревари, а вредноста на секој од нив е намалена за 30 проценти. Има повеќе натпревари, но безвредни. Ова е натпреварување кое ќе предизвикува возбуда само на крајот“, рече Перес.

- Оглас -

Најнови вести