Суспензијата на Престијани проширена и на дел од Мундијалот

Аргентинскиот фудбалер Џанлука Престијани се најде во сериозен проблем пред претстојниот Мундијал откако казната што му ја изрече УЕФА може директно да влијае врз неговото учество на најголемата светска сцена.

Од ФИФА потврдија дека суспензијата нема да остане ограничена само на европските натпреварувања, туку ќе се применува глобално, што значи дека ќе важи и за Светското првенство. Престијани доби забрана од шест натпревари, при што половина од нив се условни. Еден меч веќе му е пресметан, и тоа ретроактивно, по дуелот против Реал Мадрид.

„Дисциплинската комисија на ФИФА донесе одлука да ја прошири санкцијата изречена од УЕФА, па таа ќе биде на сила на светско ниво, согласно член 70 од нашиот дисциплински кодекс“, соопшти портпаролот на организацијата.

Со ваквиот развој на настаните, речиси е извесно дека Престијани ќе ги пропушти првите два натпревари на Аргентина на Мундијалот. Дополнителен ризик постои доколку направи нов прекршок бидејќи тогаш би се активирале и условните мечеви од казната.

Целата ситуација го става селекторот Лионел Скалони во незавидна позиција бидејќи ќе мора внимателно да процени дали воопшто да смета на Престијани во составот за турнирот во САД.

- Оглас -

Најнови вести