Карлос Алкарас се промовира во тенисер кој треба да доминира во следниот период во светски рамки. Младиот 20-годишен Шпанец се пласираше во полуфиналето на грен-слем турнирот Вимблдон каде го чека Данил Медведев.
Иако Медведев е следен ривал на Алкарас, Шпанецот како веќе да се подготвува за финалето и дуел против Новак Ѓоковиќ. Србинот во второто полуфинале ќе игра против Јаник Синер.
На Вимблдон се појавија информации дека таткото на Алкарас ги „снима“ тренинзите на Ѓоковиќ, а ова го потврди и самиот Шпанец.
„Веројатно е вистина. Мојот татко е голем тениски фан. Он не ги гледа само моите мечеви, туку и на останатите тенисери. Доаѓа на теренот во 11 претпладне, а си заминува во 10 навечер. Тој ги следи тренинзите и мечевите на сите тенисери. Сигурно имал можност да го гледа и тренингот на Ѓоковиќ“, вели Алкарас, кој сепак додаде дека тоа не му дава некоја предност ако игра против Србинот во финалето.
„Имам многу видеа од мечевите на Ѓоковиќ кои можам постојано да ги гледам и затоа мислам дека тоа што татко ми го следел тренингот на Новак не е некоја предност за мене“, вели Алкарас.