Тажната мундијалска приказна продолжи – Македонија загуби од Словенија со 21:31

Македонија го загуби првиот меч од втората фаза на Мундијалот во Египет, а денеска подобри беа Словенците и славеа убедлива победа од 31:21.

Мечот се чини беше загубен во последните 10 минути од првото полувреме, кога Словенците со серија од 4:0 од 9:9 се одлепија на 13:9, што беше и резултат по 30 минути игра.

Падот што го имавме во финишот на првиот дел, кога не успеавме да постигнеме гол дури 9 минути, продолжи и во првите 10 минути од второто полувреме, па Словенците и ја дуплираа предноста и поведоа со 8 гола разлика.

Македонските голмани бранеа одлично, Митревски имаше 8 одбрани, а Томовски со три ефектни интервенции во средината на вториот дел ни овозможи да намалиме на пет гола разлика, што, сепак, не беше доволно посериозно да му се заканиме на фаворитот.

Кирил Лазаров ги одигра само стартните минути во вториот дел, откако со Филип Талески постигнаа по три гола во првиот дел, најмногу во нашиот табор.

Легендата на светскиот ракомет и покрај тоа што речиси и не играше во второто полувреме, со пет гола беше најефикасен кај Македонија.

Кузмановски, Талески и Танкоски постигнаа по 3 гола, а двајцата голмани Митревски и Томовски имаа по 13 одбрани.

Кај Словенците и на мечот најефикасен беше Гајиќ со 7 гола. Голманот Лесјкак блескаше на голот на победничката репрезентација дури со 17 одбрани.

Следниот меч Македонија ќе го игра против Русија задутре од 15.30 часот, а последниот ривал ќе ни биде Белорусија на 24 јануари, во истиот термин од 15.30 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести