Тејтум со 50-ка го однесе Бостон во плејоф-дуели со Нетс, Шарлот подобро да не играше плејин

Бостон селтикс го совлада Вашингтон визардс со 118-100 во таканаречениот плејин и си обезбеди место во разигрувањето за титулата во НБА-лигата како седми носител на Истокот, а тоа значи дека во првото коло ќе игра против ѕвездениот Бруклин нетс.

Јунак на Келтите во победата над Волшебниците беше Џејсон Тејтум, кој постигна 50 поени и таа бројка ќе стои како рекорд во плејин средбите кои се играа првпат. Ова 23-годишно крило, по трети пат во последните 40 дена дава 50 или повеќе поени.

Тејтум во третата четвртина реализираше дури 23 поени и му го отвори патот на својот тим до победата, а Кемба Вокер беше втор стрелец со 29 поени, па Вашингтон немаше шанса. Кај Визардс, недоволно подготвениот и здрав Бредли Бил даде 22 поени, што е девет помалку од неговиот просек, а Расел Вестбрук имаше 20 поени, 14 скока и пет асистенции.

Но, и покрај поразот, и екипата од главниот град има шанса да оди во плејофот како осми носител, ќе треба да ја победи Индијана пејсерс, а подобриот оди во плејоф на дуели со Филаделфија. Во плејин-турнирот, елиминиран е само Шарлот хорнетс, кој загуби од Индијана со убедливи 144-117.

Домантас Сабонис со 14 поени, 21 скок и 9 асистенции беше меѓу подобрите кај Индијана, но голем придонес во тимската победа имаа и Брисет со 23 поени, Мекдермонт со 21, Меконел со 17 и Брогдон со 16 поени.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести